Град и село
ДОМА Е, КАДЕ ШТО ИМА WLAN
Во медиумите редовно може да се прочита или слушне, дека луѓето или се селат на село или се иселуваат од таму. Сега, дали е тоа бегство од градовите или бегство од селата – каде навистина се селат Германците?
Ако ги следиме медиумите на тема урбан и рурален живот, може да помислиме дека овие извештаи се полни со противречности: така во 2019 година една студија од Институтот за германско стопанство доаѓа до заклучок, дека сѐ повеќе Германци се иселуваат од градовите. Една година подоцна, огранокот на институтот Ifo во Дрезден објави дека процентот на население што живее во рурални области го достигнало најниското ниво од 1871 година. Како е тоа можно – сега луѓето повеќе се селат на село или во град?
БЕГСТВО ОД СЕЛАТА КАЈ МЛАДИТЕ
Лајпциг, Франкфурт на Мајна и Берлин се германски велеградови, коишто според Сојузните заводи за статистика во 2018 година одбележале висок пораст на населението. Доколку се чудите, тоа се должи на одличната поставеност на инфраструктурата на еден велеград во дејностите мобилност, училишта, згрижување на деца, управа и медицинскo згрижување. Така на пр. податоцитe од Сојузното министерство за внатрешни работи покажуваат, дека во градовите-покраини Берлин, Хамбург и Бремен и во самостојните градови има по 77 до 103 матични лекари на 100 000 жители. Наспроти тоа во некои густо населени рурални реони во Мекленбург-Долна Померанија, Бранденбург, Баварија и Долна Саксонија има само по 17 до 44. Пред се младите возрасни помеѓу 18 и 30 години се селат во велеградовите. Тие, според RWI Лајбниц-институтот со 43 проценти го сочинуваат најголемиот удел од сите внатрешно раселени мигранти.
Но: потребата од станови ги протерува луѓето повторно надвор од градовите. Така, во Берлин-Кројцберг за еднособен апартман со станбена површина од 25 квадратни метри без вклучени трошоци за греење се бара 1000 евра кирија, и покрај тоа што ретко кој може да си го дозволи тоа. Причината за тоа е, што многу инвеститори во недвижнини ги откупуваат становите и ги опремуваат во добра состојба, наменувајќи ги често само за приватно сместување на гости (Airbnb). Taка веќе се доаѓа до идејата, дека надвор на село, каде што воздухот е чист а просторот неограничен, мора да биде можен алтернативен живот. Селска куќа претворена во современо чудо за заштеда на енергија, внатре мултимедијална домашна канцеларија, свежа пита со јаболка на масата, а децата, да, тие конечно ќе можат да беснеат надвор колку што им е ќеиф. Барем така изгледа посакуваната замисла за тоа.
ПРЕСТАРЕНОТО СЕЛО
Сепак, колку што е романтична замислата за селскиот живот, таа понекогаш може да биде исто така и мамлива. Само во врска со работата од дома: како прво, сè уште недостасува брз интернет во многу места во селата. Додека процентот на домаќинствата снабдени со широкопојасни врски во Берлин, Минхен или Хамбург е над 90 проценти, стапката во многу рурални региони е под 60 проценти. Но дигиталната инфраструктура е основен предуслов за вработените да можат да работат од дома. И за оние кои не можат да работат од дома, преселувањето на село честопати значи долгo патување до работното место: во 2018 година во Германија патувале до работното место речиси околу 19 милиони луѓе, на скоро 60 проценти од вработените местото на живеење и работното место им се наоѓаат во различни општини. За недвижнини со пониски цени најчесто останува, дека мора да се прифати пaтување до работното место од еден час и повеќе. Ова покажува дека од еколошка гледна точка животот на село не е предност. Напротив – кога луѓето живеат на поголем простор се ослободува дури и повеќе јаглерод диоксид, тоа доведува до поголемо запечатување како и зголемена потрошувачка на енергија за струја и греење.
Последица на тоа е што во повеќето рурални региони се намалува бројот на жители. И тоа веќе со години – што подалеку од велеградовите, толку повеќе. „Пред се младите луѓе го избегнуваат селото. Како резултат на тоа, недостасуваат квалификувани работници и раѓања “, вели Феликс Русел, раководител на дрезденската Ifo-студија. Значи: населението во руралните области старее. Стапките на смртност во руралните области понекогаш се толку високи што ќе биде потребна значителна имиграција на помлади луѓе за да се компензира заминувањето на старите. Во селската околија Бауцен во периодот од 2008 до 2015 година се иселиле една четвртина од жителите на возраст од 18 до 29 години. Со нив исчезнаа и гостилниците, малите продавници за храна, месарниците и пекарниците.
БЕГСТВО ОД ГРАДОТ КАЈ СЕМЕЈСТВАТА
Па, каде одат оние луѓе на кои им е доста од високите цени на недвижнините, аерозагадувањето и урбаните затвори? Според Сојузниот завод за статистика тоа се пред сѐ семејства, кои сѐ повеќе и повеќе му го вртат грбот на големиот град. Но, возрасните помеѓу 30 и 49 години и нивните малолетни деца не се селат на село, туку претежно во околината на градовите. Истражувањата на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека, во Германија моментално порастот на населението е сконцентриран во околината на велеградовите и просперитетните рурални области. Што се однесува до Берлин, овој феномен се нарекува „Berlin-Drain“ (одлив од Берлин): семејствата се селат во малите и средни градови во околината на Бранденбург, т.н. метрополитенска област. Одтаму истражувачите од дрезденската Ifo-студија забележуваат се поголемо згуснување на населението на некои места. „ За време на целиот повоен период, населението во Германија никогаш не било распределено толку нерамномерно во просторот како што е денес “, вели раководителот на студијата Феликс Ресел.Ајленбург во Саксонија е општина што сака да профитира од овој тренд. Малиот град на Мулде, со добри сообраќајни врски до Лајпциг, сега повторно брои добри 17000 жители. Во 2014 година беа помалку од 16000 жители. За футурологот Даниел Детлинг е јасно дека ваквите мали градови ќе доживеат ренесанса. Но под еден предуслов: „Малите градови мора да нудат услови за живот кои се еквивалентни на оние од големиот град. Ова значи дека локалниот сообраќај мора да се прошири и да се обезбеди сеопфатнo широкопојаснo снабдување и широка мобилна мрежа“. Верни на мотото: Дома е таму, каде што има WLAN. Бидејќи луѓето ги сакаат и двете: метежот во градот и мирот во селото. Свежа пита со јаболка и широкопојасна врска. Или како што сумираше Курт Тухолски во неговата творба Идеал од 1927: „Напред Балтичкото Море, назад Фридрихштрасе.“
ЗДИВ ОД СЕЛСКИОТ ЖИВОТ ВО ВЕЛЕГРАДОТ
Многу луѓе сонуваат за живот на село, поблиску до природата, но сепак тоа не е реална опција за секого. Кој не може да ја реализира идилата на селскиот живот, може и во градот да ги оствари своите желби: