Claim Goethe Institut Claim Goethe Institut

Северна Македонија

Зградата на општеството

Зградата на општеството

Слободата може да се интерпретира на многу начини и во многу контексти. Во поедноставената дефиниција, слободата е отсуство на репресија. Но, репресијата може да биде физичка, групна, психолошка итн. Јас би сакала да се фокусирам на начинот на кој јас ја чувствувам слободата и нејзиното отсуство во Македонија како нејзин граѓанин.  

 

За мене слободата во едно општество е колективна практика во секојдневниот живот. Ние си ја овозможуваме слободата еден на друг или си ја блокираме слободата еден на друг. Единственото ограничување за слободата во кое било општество е ограничувањето да се наштети на некој поединец. А да се има слобода, колективна слобода, за да се биде слободна, за мене значи достапност до простори и можности за исполнување на своите аспирации во животот, и сите да чувствуваме дека ја имаме слободата да бидеме човек. Што сакам да кажам со ова? За да се има слобода да се биде човек мислам дека е важно секој поединец и граѓанин да се чувствуваат безбедни дека нивната слобода нема произволно да биде одземена (тука е важна улогата на правдата), мора да имаат еднакви можности (за што улогата на политиката е многу важна) и слободата на изразување на себеси без страв (не го мислам ова само на контекст на слободниот говор, туку и на начинот на живеење пошироко), а за ова сите имаме важна улога. За да се има слобода, сите овие елементи мораат да бидат синхронизирани.
                                                                                                            
Во последните години во Македонија се случија важни промени преку социјалните движења кои што им дадоа глас на граѓаните. Различните социјални движења, протестите, пленумите, донесоа нови методи на отпор, на гласно искажување на нивните политички ставови. При разгледување на причините што ги мотивираа овие социјални движења, трите столба што ги забележав на почеток, имаа важна улога. Имено, или нивното отсуство или нивната дисфункционалност предизвикаа револт кај многу граѓани. Чувството на сигурност беше загрозено зашто правниот систем беше фактички заробен од партијата, што го зголемуваше потенцијалот за произволни дејства. Не постоеше чувството дека сите имаат еднакви можности, зашто можностите не зависеа од заслугите, напорната работа, мотивацијата или амбицијата на поединецот, туку беа зависни од членувањето во партија и други необјективни фактори. И последно, чувството на слободно изразување на себеси беше ограничено на изразување на она што беше соодветно за оние кои ја имаа власта. Во една поранешна колумна, Скопје го нареков градот на шепоти, поради тоа што мислењата и ставовите кои не беа популарни беа замолчени. Од друга страна, оние видови на изразување што поттикнуваа омраза и ја ограничуваа слободата, беа охрабрувани, и сè уште се присутни. Во оваа општествена клима, социјалните движења, со нивните смели бои, смели изјави, и смели методи делумно покажуваа алтернативна насока во која македонското општество може да се развие. Тие покажуваа присуство на глас, спротивставување на злоупотребите на правниот систем, и донесоа форми на изразување кои порано не беа практикувани во Македонија. Но, визијата што тие ја изразуваа не беше целосна. Иако социјалните движења и бројните протестите низ Македонија беа успешни во создавањето нови позитивни наративи, во градењето критична и активна маса, во промената на методите на искажување незадоволство, тие сепак имаа и одредени ограничувања, кои сега стануваат видливи. Протестите покажаа нови нијанси за едно мултиетничко и еднакво општество, но за да се променат меѓуетничките релации  преку заеднички отпор тоа не е доволно. Мора да се случат промени во областа на трите столба што ги спомнав погоре. За да се постигне промена, потребна е и заедничка дебата која укажува на точките на недоразбирање. Анализата на слободата на граѓаните во Македонија ја почнувам со протестите и социјалните движења зашто тие претставуваат степен на проширување на правата и на слободата, но делумноста на постигнување на нивните цели, што се покажува во дебатите кои се развиваат денеска, укажува на важни недостатоци на разбирањето на трите столба на правдата, еднаквоста и слободата на изразување. 
 
Протестите на студентите, на „Протестирам“, на Шарената револуција и други протести низ Македонија содржеа многу различни елементи. Тие споија различни луѓе кои изразуваа незадоволство, кои изразуваа потреба за создавање нови очекувања од државата меѓу кои правдата, еднаквоста и одговорноста беа главни. Тие исто така мобилизираа и имаа поддршка од луѓе од различни групи, со различни етнички, идеолошки или сексуални предзнаци. Ако формулираната цел да се урне претходната власт и систем беа јасни, други аспекти не беа толку јасно изразени. Мислам дека иако почнавме покритички да размислуваме за темите поврзани со правдата, со еднаквост и со слободата на изразување, овие прашања никогаш не беа јасно дефинирани. На пример, да го земаме концептот на еднакви права за сите. Кои се тие „сите“? Одговорот не е толку јасен како што изгледа. Во неколку од протестите „сите“ беше поставен на контекст на позицијата на моќ, во смисла на тоа дека еден политичар и еден обичен граѓанин треба да бидат еднакви пред правдата. За други, пак, беше важен и етничкиот контекст – дека еднаквоста пред правдата треба да важи за сите граѓани на Македонија без разлика на етничка припадност. Во иста мера, правдата има и многу важна родова компонента, која често е игнорирана. Додека повеќето од тие што протестираа го имаа предвид прашањето за позицијата на моќта, сите не го имаа предвид вториот аспект. Зошто?
 
За да се објасни зошто постои ова разлика, треба да се објасни разновидноста при согледувањето на фразата „сите сме еднакви“. Земајќи предвид дека сме диверзно општество, етничката компонента на еднаквоста е многу важен аспект преку кој можеме да ја анализираме ова фраза. Концептот на еднаквост во хетерогени општества секогаш заслужува повеќе анализа и контрола, и мора да се оцени критично. Што навистина мислиме со фразата „сите сме еднакви“? Иако голем број социјални движења го употребиле овој слоган и тој во голема мера претставува позитивен слоган, тој исто така може да носи и ризици. Главниот ризик што овој термин го носи во поделено и хетерогено општество е фактот дека многу активисти го употребуваат овој термин како чадор термин. На пример, кога кажуваме дека сите сме еднакви, а во реалноста не се сите еднакви, тоа претставува ризик да не се признае фактот дека некои групи се маргинализирани. На тој начин не можеме да ги адресираме нивните потреби. Ако не го признаваме фактот дека сите не сме еднакви, иако би требало да бидеме, тогаш ризикуваме да ги маргинализираме повеќе тие заедници кои веќе се маргинализирани, точно затоа што не ја адресираме нивната нерамноправност во еден систем. Додека сосема ја поддржувам идејата дека сите ние треба да сме еднакви, во исто време повикувам за разбирање и признавање дека внатре во едно хетерогено и поделено општество не сме сите исти и имаме различни потреби. На овој начин можеме да ги развиеме алатките што би ни овозможиле да градиме едно еднакво општество за сите.
 
Дозволете ми ова да го појаснам со поедноставен пример. Размислете сценарио со Александар и Арта. Александар се наоѓа на врвот на Зградата на општеството. Арта, од друга страна, сè уште се наоѓа на некој од средишните катовите на зградата. Сега размислете дека и Александар и Арта се спротивставени на системот на Зградата на општеството и на неговите правила, зашто постои еден ексклузивен кат до кој ниту Александар ниту Арта не можат да имаат пристап, кат на кој можат да живеат само неколку привилегирани поединци. Александар и Арта мислат дека секој заслужува да има пристап до ексклузивниот кат и дека системот треба да биде рамноправен. Тие се согласуваат дека сите се еднакви. Кога доаѓа времето да се дадат конкретни предлози, Александар и луѓето на горниот кат предлагаат дека треба да има еден лифт што ги поврзува горниот кат со ексклузивниот кат, со цел да се олесни пристапот. Каде останува Арта? Таа сè уште мора да ги користи скалите, а не лифтот, бидејќи луѓето од горниот кат никогаш не побарале лифтот да почнува од првиот кат на зградата. Арта мислеше дека изјавата „сите сме еднакви“ значи дека сите заслужуваат еднаков пристап до ексклузивниот кат, сега нарекуван Катот на граѓаните, и дека сите би добиле еднакви можности, во овој случај лифт. Но, Александар, кој веќе е на најгорниот кат не можел да ја слушне молбата на Арта или, пак, не знаејќи за позицијата на Арта внатре во Зградата на општеството. Или свесен, но верувајќи дека луѓето од долните катови се таму бидејќи  заслужуваат да се таму и дека лифтот ќе можат да го добијат само ако стигнат до горниот кат, мисли дека „еднаквоста за сите“ ги опфаќа луѓето на горниот и на ексклузивниот кат. Зашто друг проблем за тоа како го сфаќаме терминот „еднаквост“ е неговото поврзување со „истоста“, со што се ризикува да се наруши разновидноста и потребите што произлегуваат од неа. Така, на крајот на целиот процес, пристапот е олеснет за еден одреден број луѓе, но не и за други, а постојната нееднаквост продолжува. Сега единствената разлика е во тоа што сите би можеле да имаат пристап до Катот на граѓаните, само што за некои тоа е многу полесно отколку за други.
 
Сега оваа логика да ја примениме во однос на логиката во врска со еднаквоста пред правдата. Верувам дека тие што еднаквоста во овој контекст ја гледаат од аспект на позицијата на моќ не ја гледаат од друг аспект, зашто не знаат дека постои и друг вид дискриминации во правата кои имаат влијание врз животот на поединецот од, на пример, друга етничка или родова група. Причините за ова незнаење можат да бидат различни. Поделените медиуми, поделените простори за комуникација итн. Протестите и социјалните движења отворија можна врата за разбирање на другиот, еден друг поглед на другите катови на Зградата на општеството, и една можност за тоа како сите можат да соработуваат. Но, можноста за подобрување во овој аспект, која беше отворена од социјалните движења не беше употребена соодветно и не адресира неколку важни проблеми. Тоа особено се покажа во дебатата за законот за јазиците во Македонија, каде што имаше отворен отпор кон идејата за повеќе права за една етничка група која не е мнозинска. Фактот дека тие што беа против овој закон не го земаа предвид аспектот на проширувањето на еднаквоста и слободата е многу вознемирувачки, зашто покажува дека главните актери во македонското општество, вклучувајќи ги претставниците на академскиот свет, интелектуалците, политичарите и активистите, не ги разбираат овие термини. Оваа дебата покажува недостиг на разбирање за важноста на синхронизацијата на трите солба (сигурност - правда; еднакви можности – политика; слобода на изразување – општество) за постигнување слободата во едно општество. Многу е важно овие столба да се постигнати за сите членови на општеството. Во спротивно нивниот легитимитет е поткопан, исто така и слободата. Ако креаторите на политиките, претставниците на академскиот свет, интелектуалците, активистите и обичните граѓани не го разбираат ова, тогаш не можеме да кажуваме дека тие се вистински посветени на еднаквоста или на слободата.
 
Со социјалните движења во Македонија се покажа како може да се прошири просторот на слободата. Историјата на социјалните движења покажува дека секое проширување дава можност за ново проширување. Тоа е логично, зашто со стапнувањето на секој кат што нуди поотворен и послободен живот видлив станува следниот кат. Исто така, историјата покажува дека нема проширувања на слободата што не се спротивставени во однос на тие кои веќе се привилегирани или кои веќе ја постигнале таа слобода. Но, исто така, покажува дека ако тие што веќе постигнале им помогнат на тие на кои сè уште им треба простор и пристап, општеството како целина се ослободува. Затоа е многу важно сите граѓани да бидат посветени на овие принципи и да разбираат дека некогаш, за да се постигне еднаквоста мора да има дополнителни проширувања на просторот и правата за маргинализираните групи. Ова значи дека лифтот мора да стигне и подолу и да нуди и дополнителна поддршка ако е потребно (упатства на друг јазик, место за деца, поддршка за луѓе со посебни потреби итн.) за сите да стигнат до истата цел, до Катот на граѓаните, различни но еднакви. Сето ова е дел од рамката на слободата, зашто таа е колективен процес што живее токму поради колективноста, без колективноста би немало простор за акција. Таа станува можна во едно општество зашто ние си ја овозможуваме еден на друг. Како колективен процес, треба да сфатиме дека слободата на другиот, е моја слобода.

Лура Положани