Наставен јазик
УПАТСТВА ЗА НАСТАВАТА

Успешно пренесување информации
Успешно пренесување информации | ©Adobe Stock

Како можеме успешно да ја водиме наставата преку примена на јазикот: совети за ефикасна примена на јазикот и три карактеристики на ефективните упастства за наставата.

Вербалниот јазик е покрај (невербалниот јазик) говорот на телото, еден од најважните инструменти, со којшто располагаат наставниците за да ја водат наставата, да го семантизираат вокабуларот, да објаснуваат структури, а особено да им објаснат на учениците, како, со кого, колку долго итн. треба да се прави нешто на часот.

МУЗИКАТА НЕ ЈА ПРАВИ САМО ТОНОТ – НА ШТО МОРА ДА ВНИМАВАМЕ КОГА ЗБОРУВАМЕ

Јазикот функционира на две рамништа, кои се надополнуваат едно со друго за ефикасно пренесување на информации: паравербалното (физичко) рамниште, т.е. јачина на гласот, висина и длабина на гласот, темпо и начин на зборување и содржинско рамниште, т.е. кои збоорови ги употребуваме во кој редослед со која говорна интенција. Овие рамништа се во постојана координирана интеракција од страна на говорителот (делумно несвесно). Ако ги набљудуваме на пр. интонацијата или акцентот на зборот или реченицата, брзо може да констатираме, дека ова физичко рамниште (јачина на гласот, висина на тонот, ритам) придонесува за тоа, изговорените зборови да бидат сфатени така, како што намеравал говорителот.

КАКО ПРАВИЛНО ДА ГИ УПОТРЕБУВАМ ЈАЧИНАТА НА ГЛАСОТ И ТЕМПОТО НА ЗБОРУВАЊЕ?

Во однос на физичките карактеристики на јазикот, може да се претпостави дека зборувањето премногу тивко или прегласно попрво може да доведе до негативна перцепција. Бидејќи на тој начин може или акустично да не бидете разбрани или да Ве перципираат како неучтиви, дури и агресивни. Оние кои зборуваат премногу брзо, честопати не се правилно разбрани и може да делуваат несигурно. Од друга страна, премногу бавно зборување може да изгледа неприродно и да им даде на учениците впечаток дека наставникот ги потценува нив или нивната способност да го разберат странскиот јазик. Од овие причини, препорачливо е наставниците да ги менуваат како темпото на зборување, така и јачината на гласот  во текот на наставниот час, особено кога станува збор за нагласување нешто и привлекување поголемо внимание од учениците. (Сп. Heidemann 2009)

Примена на јазикот, ориентирана кон примателот Примена на јазикот, ориентирана кон примателот | ©Adobe Stock

СОВЕТ ЗА ИЗБОР НА ЗБОР: придржување до целта на комуникацијата!

Што се однесува до содржинската страна, пред сѐ мора да се запази функцијата и контекстот на секој исказ. Доколку наставникот задава работни задачи усно, тој мора да има предвид дека тие имаат јасна функција во контекст на самата настава и затоа можат (или мора) да се формулираат поинаку од исказите вметнати во секојдневниот разговор. Имено, целта на задавањето на задачата не е да се отпочне и води разговор, туку да им се каже на учениците што е можно попрецизно и јасно која наставна активност треба да ја работат и како треба да го направат тоа. Значи, станува збор за конкретни упатства.

На поставувањето на задачите може да му се припишат конкретни карактеристики, кои притоа помагаат, упатствата за работните задачи на часот да се формулираат јасно и ефективно. 

ТРИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА УСПЕШНОТО ЗАДАВАЊЕ ЗАДАЧИ НА ЧАС

Ние најдобро можеме да допреме до учениците кога се придржуваме до следниве основни принципи. Успешните упатства за наставата се:

  1. Економични: Овде важи правилото „колку пократко толку подобро“. Затоа воведите како „Сега сакам вие да...“ или „Сега би ве замолил за тоа, ...“ се непотребни, дури и контрапродуктивни. Притоа некои би можеле да аргументираат, дека овие искази едноставно се дел од јазикот, се доста учтиви и може да служат како пример (инпут) во наставата за тоа како можеме некого да замолиме за нешто. Сепак не треба да се заборави: колку е покомплексен и подолг исказот, толку повеќе тешкотии му предизвикува на слушателот да го дешифрира, бидејќи секоја информација треба да се обработи. Самата структурата на зависната реченица со глагол(и) на крајот може да придонесе за забавување на обработката на таков исказ.     
  2. Ориентирани кон целната група: поаѓајќи од тоа дека јазикот-цел е токму наставниот јазик и дека упатствата за задачите се формулираат на тој јазик, изборот на збор игра одлучувачка улога и и во принцип би требало да се заснова на рецептивниот вокабулар на ученикот. Ако не можете да се откажете од некој нов, непознат збор, тој мора или да биде придружен со невербални елементи (слики, симболи, гестови, изрази на лицето) или да биде објаснет пред да се постави задачата. Притоа е важно да се внимава не само на значењето, туку и на регистарот со вокабулар, за да се одбегне тенденција да се користат зборови чии еквиваленти се слични на првиот јазик на ученикот (или други странски јазици), но ретко или никогаш не се користат од говорител на мајчин јазик во овој контекст, што е често случај на пример со синоними од латинскиот. 
  3. Јасно структурирани: поставувањето на задачите треба да содржи информации, кои ќе дадат одговор на следниве прашања: Што, како, и колку долго односно до кога, најдобро по овој редослед! Најпрво учениците мора да сфатат, што всушност треба да прават: да читаат/пишуваат текст, да подвлекуваат зборови, да подредуваат слики на зборови и др.... Потоа наставникот објаснува дали да работат самостојно или во група и дури потоа се задаваат материјалите (наставни листови, исечоци итн.) (Сп. Ziebell/Schmiidjell 2012).
Но исто така е важно постојано да се вметнуваат паузи и да се причека на повратен одговор од учениците, за да се осигураме дали сѐ било разбрано.

НАВОДИ ОД ЛИТЕРАТУРА

  • Heidermann, Rudolf (2009). Körpersprache im Unterricht, 9. Auflage. Kempten: Quelle & Meyer Verlag.
  • Ziebell, B. & Schmidjell, A. (2012). Unterrichtsbeobachtung und kollegiale Beratung NEU. Fernstudieneinheit 32. Kassel/München: Langenscheidt.