Барање стан
Барате стан? Во многу весници има огласи за станови, најчесто во петок или сабота. Огласи за станови се наоѓаат и на интернет страните на весникот. Има и посебни страни за недвижности на интернет. Исто така и управата за станбени прашања во Вашиот град или општина често помага при барањето. Во некои региони лесно се наоѓа стан. Во други региони е многу тешко да се добие стан. Тогаш агентот за недвижности може да Ви помогне при барањето: ако тој најде стан за Вас, ќе мора да му платите. Обично агентот за недвижности добива провизија во висина од 2 до 3 месечни кирии.
Кирија и кауција
Во огласите најчесто стои колку кирија треба да платите за станот. Но, тоа е само киријата без режиски трошоци. Кон тоа треба да платите режиски трошоци. На пример, треба да платите за вода, чистење на скалиштето и ѓубрарина. Греењето и струјата исто така може да спаѓаат во режиските трошоци, но тоа не е секогаш. Прашајте го наемодавецот што спаѓа во режиските трошоци, а што треба да платите дополнително.
Киријата без режиски трошоци (Kaltmiete) и режиските трошоци (Nebenkosten) заедно се кирија со режиски трошоци (Warmmiete). Вкупната кирија со режиските трошоци му ја плаќате на наемодавецот со дознака секој месец.
Обично становите не се со мебел. За работите кои се од претходниот кираџија и остануваат во станот, на пример, фрижидерот, мора да му платите пари. Тоа се вика откупнина.
Често наемодавците бараат од нивните кираџии кауција. Кауцијата смее максимално да изнесува 3 кирии без режиски трошоци. На кираџијата ќе му се врати кауцијата кога ќе се иселува. Ако сакате да видите дали киријата е превисока за станот, може да погледнете во контролниот индекс на кириите (Mietspiegel). Таму се наоѓаат просечните цени за секој град. Напишете на интернет „Mietspiegel“ и името на Вашиот град.
На почетокот на годината не се знае колку ќе трошите вода, струја или гас. Затоа секој месец се плаќа аванс. На крајот на годината ќе Ви вратат пари или ќе треба да доплатите.
Договор за изнајмување стан
Сите информации за киријата и кауцијата стојат во договорот за изнајмување на станот. Таму исто така стои дали треба да го реновирате станот кога ќе се иселувате. Освен тоа тука има и информации за Вашиот рок за раскинување на договорот. Обично мора да потпишете записник од примопредавањето кога ќе се вселувате во некој стан. Во записникот од примопредавањето стои, на пример, кои работи ги има во станот. Така ќе знаете и Вие и Вашиот наемодавец што мора да остане во станот кога ќе се иселувате од него. Внимателно и целосно прочитајте ги договорот за изнајмување на станот и записникот од примопредавањето пред да ги потпишете.
Куќен ред
Не сакате конфликти со соседите? Почитувајте неколку правила: обично од 22 часот до 7 часот е време за одмор. Значи не смее да бидете многу гласни. Во неделите и за време на празниците цел ден е време за одмор.
Во Германија има различни канти за отпад од хартија и картон, за остатоци од овошје и зеленчук и за друг отпад. Стаклото, конзервите или електронските апарати мора да се однесат на специјални места за собирање или контејнери. Сите други правила ќе ги најдете во Вашиот куќен ред. На пример: Дали смеете да чувате куче или мачка во станот? Или: Дали мора да го чистите ходникот или пешачката патека пред куќата?
Video International Sign
Често поставувани прашања
Имате ли дополнителни прашања? Тогаш пишете ни користејќи го формуларот за контакт. Вашето прашање ќе го пренесеме анонимно до советничките и советниците на Службата за миграција на млади.
Формулар за контакт