Пешки и со велосипед
Во селата и помалите гратчиња, најголемиот број на цели може да ги достигнете пешки. Многу луѓе во Германија возат со велосипед до супермаркет или на работа. На многу улици има велосипедски патеки. Таму каде што нема велосипедска патека, возрасните мора да возат со велосипедот по улица. Децата до 8 години мора да возат по тротоарот. Децата до 10 години смеат да возат по тротоарот. За пешаците и велосипедистите има уште и други сообраќајни правила: На пример, преминувате на црвено светло на семафор? Или дефектно Ви е светлото на велосипедот? Ако полицијата го види тоа, ќе мора да платите парична казна.
Со средствата на јавниот превоз
Во градовите има средства на јавниот превоз како што се подземно и надземно метро S-Bahn и U-Bahn, трамвај („Straßenbahn“, во јужна Германија „Trambahn“) и автобус. Возниот билет обично се купува на автоматите на железничките станици и постојките. На железничките станици има продажни шалтери за возни билети. Понекогаш возниот билет може да се купи и во автобусот. Може да купите и неделна карта, месечна карта или годишна карта. Ако се возите често со средствата на јавниот превоз, тоа е поефтино. Децата, учениците, студентите, инвалидите и лицата со пречки во развојот и сениорите често добиваат попуст. Значи плаќаат помалку. Во автобусите и возовите има контрола на возниот билет. Ако за време на контролата немате возен билет, ќе мора да платите парична казна.
На постојките и на железничките станици ќе најдете и возни редови. На возниот ред стои кога и каде возат автобусите и возовите. Но, тоа може да го прочитате и на интернет страните на сообраќајните претпријатија.
Со автомобил
Многу луѓе одат во градот со сопствениот автомобил. Во градовите има паркинзи и катни гаражи: знаците на работ од улицата Ви ги покажуваат овие можности за паркирање. Обично мора да платите за овие места за паркирање. Кога ќе возите со автомобил, секогаш мора да ги имате со себе возачката дозвола и сообраќајната дозвола. Ако Ве контролира полицијата, ќе побара да ги види.
Ако отпатувате
Сакате да отпатувате во други германски градови или во странство? Тогаш имате можности со воз, со авион или со автобус. Станиците за автобусите обично во најголем број на градови се во близина на главната железничка станица. Патувањата со воз обично се со Deutsche Bahn (DB). Често има специјални понуди: ако ја купите рано картата, може да добиете ефтини карти. Истото важи и за патување со авион. До островите во Северно море или Балтичко море возат и големи бродови.
Линкови за темата
Video International Sign
Често поставувани прашања
Имате ли дополнителни прашања? Тогаш пишете ни користејќи го формуларот за контакт. Вашето прашање ќе го пренесеме анонимно до советничките и советниците на Службата за миграција на млади.
Формулар за контакт