Важни документи за почетокот на работата
Имате најдено постојано работно место во Германија? Тогаш сте вработени. Потребни Ви се неколку документи за Вашиот работодавец. Прво Ви треба доказ дека имате здравствено осигурување. Доказот ќе го добиете кај Вашиот фонд за здравствено осигурување /здравственото осигурување. Во Германија секој мора да има здравствено осигурување. Често е потребно и полициско уверение за неказнетост. Него ќе го добиете во управата за пријавување на боравок.
Осигурувања и даноци
Како вработен имате и пензиско осигурување и осигурување за случај на невработеност. Но, тука не мора ништо да правите, овие осигурувања ќе ги имате автоматски. Работодавецот плаќа дел од Вашето здравствено осигурување, од Вашето пензиско осигурување и од Вашето осигурување за случај на невработеност. Другиот дел го плаќате Вие. Тоа автоматски се одбива од Вашата плата /сатница. Потребен Ви е и даночен број и електронска даночна картичка. И двете ќе ги добиете во даночната управа. Даноците не мора Вие самите да ги префрлите. Даночната управа ќе ги земе даноците директно од Вашата плата / сатница.
Договор за работа
Секој вработен добива договор за работа. Вие и работодавецот го потпишувате договорот. Внимателно прочитајте го целиот договор за работа и дури тогаш потпишете го. Ако не сте сигурни, прашајте: за возрасни кај советувалиштето за миграција на возрасни доселеници (Migrationsberatung für erwachsene Zuwanderer, скр. MBE). Младите и младите возрасни до 27 години добиваат информации кај службите за миграција на младите (Jugendmigrationsdienste скр. JMD). Во договорот за работа стојат сите правила. Вие и работодавецот мора да се придржувате до овие правила. Тука стои, на пример, исто така и: Колку заработувате месечно? Колку денови одмор имате? Што треба да правите кога сте болни? На новата работа обично имате еден пробен период. Пробниот период трае различно. Понекогаш тоа се само неколку недели, понекогаш половина година. Во пробниот период работодавецот повнимателно ќе Ве набљудува. Тој одлучува дали и понатаму ќе работите во фирмата и по истекот на пробниот период. А Вие одлучувате дали и по пробниот период сакате да ја вршите оваа работа. За време на пробниот период рокот за давање отказ е пократок (најчесто две до три недели), а потоа обично 3 месеци.
Мини-работи
Во Германија има и мини-работи/работи врз база на 520 евра. Мини-работа е работно место на кое се заработуваат само 520 евра месечно. И тука исто така автоматски добивате здравствено осигурување и пензиското осигурување. Но, нив ги плаќа само работодавецот, Вие не мора ништо да платите. Осигурување за случај на невработеност немате.
Самостојна дејност
Работите самостојно, значи не сте вработени? И тогаш Ви треба здравствено осигурување. Меѓутоа, здравственото осигурување мора самите да го платите. Добро е и ако имате пензиско осигурување. Кај некои професии, на пример, занаетчии или акушерки, мора да имате пензиско осигурување. Мора да побарате даночен број од даночната управа. Даночната управа сака да знае отприлика колку профит имате годишно. Потоа одлучува колку данок ќе платите. Даноците мора Вие самите да ги платите со дознака. Ако сакате да основате сопствена фирма, Ви треба стопанственичка дозвола. Неа ќе ја добиете во Агенцијата за стопанство. Може да прашате во градското собрание каде во Вашиот град или во Вашето место се наоѓа Агенцијата за стопанство. Исто така и ако сакате да отворите продавница или ресторан, на пример, ќе Ви треба стопанственичка дозвола.
Video International Sign
Имате ли дополнителни прашања? Тогаш пишете ни користејќи го формуларот за контакт. Вашето прашање ќе го пренесеме анонимно до советничките и советниците на Службата за миграција на млади.
Формулар за контакт