Секоја година многу луѓе од други земји се доселуваат во Германија. Повеќе од 20% од населението на Германија потекнуваат од друга култура. Сите овие луѓе се повеќејазични, го зборуваат не само јазикот на нивната матична земја, туку исто така и еден или повеќе странски јазици. Многу луѓе кои се доселуваат во Германија учат германски како странски или како втор јазик. Кога го зборувате јазикот на земјата или на регионот во кој живеете (јазикот на средината), подобро ќе комуницирате со луѓето таму и подобро ќе ги разберете нивните постапки.
Предности на повеќејазичноста
Да можеш да зборуваш повеќе јазици во денешниот свет претставува важна способност. Границите меѓу земјите се поотворени отколку порано и сè повеќе луѓе се преселуваат во туѓи земји. Оној кој покрај јазикот на матичната земја зборува уште некој друг јазик, има многу шанси. Како во приватниот живот така и на работа, луѓето кои зборуваат повеќе јазици можат да бидат врска помеѓу луѓето од различни култури. Луѓето кои се повеќејазични имаат интеркултурни способности, имено, тие умеат формите на однесување на другите луѓе да ги гледаат од различни перспективи. Децата чии родители се доселеници и се пораснати во Германија, обично го учат јазикот на нивните родители (јазик на матичната земја) природно уште од самото раѓање. Заедно со јазикот учат и многу за културата и традициите во родната земја на нивните родители. Германскиот често го учат во контакт со и преку игра со другите деца и возрасни, на пример, во градинка или на училиште. Овие деца растат повеќејазично (билингвално).
Значење на германскиот јазик
За возрасните е важно да научат германски затоа што така ќе можат да зборуваат со сограѓаните во Германија. Исто така и за интеграцијата многу ќе помогне ако се зборува јазикот на средината. За децата, доброто познавање на германскиот јазик е пред сè потребно кога ќе посетуваат германско училиште.
Влезен и излезен материјал
При изучување на јазикот, влезниот и излезниот материјал се многу важни. Влезниот материјал е јазикот што го слушаме и читаме. На луѓето им е потребен редовен контакт со јазикот, а најдобро е кога тоа е во реални ситуации. Влезниот материјал треба да има висок квалитет, значи да потекнува од добро лице на кое јазикот му е мајчин јазик. Кај децата особено читањето на одбрани книги претставува многу добра форма на влезен материјал.
Покрај влезниот материјал, многу важен е исто така и излезниот материјал. Излезниот материјал е јазикот што се продуцира, значи јазикот што го зборуваме или пишуваме. Неопходно е луѓето да можат да го користат јазикот. За еден јазик добро да се зборува, потребни се многу прилики во кои тој ќе се користи во реални ситуации. Зборувањето и пишувањето се многу добри и важни прилики за вежбање.
Ако со Вашето дете или со Вашите деца дома не зборувате германски, туку јазикот на Вашата матична земја, за тоа има различни можности.
Значење на јазикот што се зборува во семејството
Во многу семејства, мајките и татковците зборуваат ист јазик.Тој јазик кај доселениците речиси никогаш не е германскиот. За едно дете да може да го научи јазикот што се зборува во семејството, добро е ако дома го зборува јазикот што се зборува во семејството. Така детето ќе може да развие блиска емоционална врска со јазикот на матичната земја и матичната култура.
Јазикот на матичната земја (прв јазик или јазик што се зборува во семејството) на децата и на возрасните им пренесува и информации за културата, традициите и вредностите. Семејствата не треба да престанат да го зборуваат јазикот на матичната земја, туку треба да го користат и дома со децата и во семејниот круг. За децата е особено важно добро да го зборуваат нивниот прв јазик. Добрата јазична основа со првиот јазик е најдобар предуслов да се постигне добро јазично ниво во другите јазици. Во големите градови често има билингвални (двојазични) па дури и трилингвални (тројазични) детски градинки.
Едно лице – еден јазик
Во некои семејства, мајките и татковците не зборуваат ист јазик. Многу родители тогаш го применуват методот „едно лице – еден јазик“. Притоа, секој родител со детето го зборува јазикот на својата матична земја. Јазикот што се зборува во семејството, значи јазикот што двајцата родители и детето го зборуваат меѓу себе, понекогаш е еден од јазиците на родителите (јазикот на таткото или јазикот на мајката). Меѓутоа, понекогаш тоа е и некој трет јазик што двајцата родители добро го зборуваат.
Важни аспекти на повеќејазичното воспитание
Кај повеќејазичното воспитание е важно родителите да имаат емоционална врска со нивниот јазик. Секако, најдобро е кога мајката или таткото зборуваат на нивниот мајчин јазик (прв јазик) со детето. Ако постои јазик што се зборува во семејството, тогаш секогаш треба да се зборува и тој јазик. Ако детето не сака да зборува некој јазик, тогаш не мора да се присилува на тоа. Често тоа се фази кои пак поминуваат. Родителите треба да внимаваат да не ги мешаат премногу јазиците во нивниот говор. Родителите со позитивен став кон сопствениот јазик и за децата секогаш се добра мотивација за да го научат јазикот на своите родители.
Унапредувањето на првиот јазик (првите јазици) на децата е многу важно. Унапредувањето на јазикот на средината, меѓутоа, е подеднакво важно.
Постојат многу советувалишни служби кои нудат помош и поддршка на тема повеќејазично воспитание. Многу градови и општини имаат канцеларија или служба за интеркултурна работа. Во нив работат лица кои даваат информации за јазични и културни порграми и корисни совети. Исто така, и приватните установи имаат советувалишни служби. Покрај тоа, веќе постојат и многу центри кои се бават со темите повеќејазичност и културна разновидност. Ако барате на интернет „interkulturelle Beratungsstelle“ (интеркултурна советувалишна служба) или „mehrsprachige Beratungsstelle“ (повеќејазична советувалишна служба) ќе најдете многу линкови и информации.
Унапредување на германскиот јазик кај децата
Секоја сојузна покраина има сопствени програми, методи и концепти со кои се унапредува германскиот јазик кај децата во градинките и основните училишта. Ако детето не зборува доволно германски, ќе добие помош преку програми за унапредување на јазикот, на пример, со преткурс за германски (Vorkurs Deutsch) или на часовите за унапредување на германскиот јазик (Deutsch-Förderklassen). Но, кога на децата им е потребна поголема помош при учењето на германскиот јазик, има многу советувалишни служби кои нудат совети и информации.
Унапредување на јазикот на матичната земја
Првиот јазик на децата може да се унапредува дома и во институциите. За поддршка на јазикот што се зборува дома во семејството, мајките и татковците редовно можат да им читаат на своите деца, да пејат песнички со нив и да играат игри. Можат и да телефонираат со членови на семејството или да зборуваат на скајп. Ако познавате семејства кои доаѓаат од иста јазична и културна средина, децата можат да си играат заедно и да зборуваат на јазикот на матичната земја.
Многу конзулати и здруженија нудат програми за унапредување на јазикот што се зборува во семејството за децата на училишна возраст. На таа настава децата учат да читаат и пишуваат на нивниот прв јазик. Добиваат информации за животот и традициите во матичните земји. Во некои сојузни покраини и во самите редовни училишта има часови за унапредување на јазикот на матичните земји. Таа настава се вика „muttersprachlicher Ergänzungsunterricht (MUE)“ (дополнителна настава по мајчин јазик).
На интернет ќе најдете многубројни здруженија и организации од одредени јазични и културни групи, на пример, групи за играње на децата (Spielgruppen), спортски здруженија (Sportvereine) или на средби на групи со заеднички интереси (Stammtische). На тој начин и децата и родителите редовно и во реални ситуации ќе можат да го зборуваат јазикот што се зборува во семејството или во матичната земја.
Video International Sign
Имате ли дополнителни прашања? Тогаш пишете ни користејќи го формуларот за контакт. Вашето прашање ќе го пренесеме анонимно до советничките и советниците на Службата за миграција на млади.
Формулар за контакт